Британија воведе санкции за седум државјани на Русија поради труење на Навални

Сподели со своите пријатели

Обединетото Кралство го замрзна имотот и забрани патување на седум руски државјани поврзани со труењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.

Навални е неуморен критичар на рускиот претседател Владимир Путин, и тој речиси почина минатата година откако беше нападнат од нервен агенс.

Тој го обвинува Путин за нападот, а Кремљ го негира сето тоа.

Министерството за надворешни работи на Велика Британија објави дека санкциите, преземени во соработка со Соединетите Американски Држави (САД), се насочени кон „луѓе кои се директно одговорни за планирање или извршување на нападот“.

Сите седум се припадници на Руската федерална служба за безбедност (ФСБ), се наведува.

„Испраќаме јасна порака дека секоја употреба на хемиско оружје од страна на Русија е кршење на меѓународното право и бара транспарентна кривична истрага“, изјави британскиот министер за надворешни работи, Доминик Раб.

„Ја повикуваме Русија да објави со колку резерви на нервниот агенс новичок располага.

Терминот новичок – на руски почетник – се однесува на група нервни агенси што Советскиот Сојуз ги разви во лабораторија за време на Студената војна.

Тие имаат парализирачки ефект врз мускулите, а задушеноста предизвикана на овој начин може да доведе до фатален исход.

Четириесет и петгодишниот Навални бил изложен на еден таков нервен отров, поради што се разболел додека летал од сибирскиот град Томск за Москва на 20 август.

Кога слетал, ја загубил моќта на говорот и бил пренесен директно во болница.

Подоцна бил префрлен на лекување во Берлин, Германија, каде поминал уште 32 дена закрепнувајќи, од кои 24 дена на интензивна нега.

Тој се врати во Русија во јануари, и беше уапсен по пристигнувањето.

Обединетото Кралство претходно воведе санкции против шест руски државјани, меѓу кои и директорот на разузнавачката служба ФСБ, за која британската влада смета дека е одговорен за труењето.

Навални ја поздрави годишнината од труењето во затвор, повикувајќи ги светските лидери повеќе да се посветат на борбата против корупцијата и да таргетираат тајкуни блиски до Путин.

Обединетото Кралство и САД издадоа заедничка изјава по повод годишнината, во која уште еднаш го осудија „обидот за убиство“ на Алексеј Навални.

„Ги поздравуваме санкциите на меѓународните партнери и ќе продолжиме да се координираме со нив во врска со понатамошните мерки“, се вели во соопштението.

„Денес, Велика Британија и САД се приклучуваат на понатамошните акции против поединци директно одговорни за труењето на Навални.

„Како што направивме откако Русија употреби хемиско оружје против Скрипаj во Велика Британија во март 2018 година, уште еднаш потенцираме дека оние што користат хемиско оружје не смеат да останат неказнети.