Британија планира да го ограничи користењето на социјалните мрежи за деца

Сподели со своите пријатели

Владата на Велика Британија планира да воведе временски ограничувања на социјалните медиуми за децата за да се справи со проблемот со „компулсивно“ користење на екран, изјави министерот за дигитална технологија Питер Кајл.

Во интервју за Sky News денес, Кајл изрази загриженост за прекумерното време што децата го поминуваат на апликации како TikTok и Snapchat, како и содржината на која се изложени.

Владата размислува да воведе ограничување од два часа по апликација дневно, со можност за автоматско блокирање на пристапот откако детето ќе го достигне временското ограничување, наместо само да прикажува известување за поминатото време, а се разгледуваат и ноќни или училишни забрани за пристап до мрежата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Трамп патува во Британија со Меланија: „Го сакам кралот Чарлс“

„Мислам дека некои родители се чувствуваат немоќни кога станува збор за тоа како да им помогнат на своите деца да бидат поздрави онлајн. Некои деца дури чувствуваат дека им е потребна помош за да ја вратат контролата врз својот онлајн живот“, рече Кајл.

Во анкета во која учествувале илјада ученици, претежно на возраст од 14 и 15 години, 40 проценти од нив рекле дека поминуваат најмалку шест часа на ден на интернет, додека еден од петмина наведува дека поминува до осум часа на мрежите.

Повеќето деца под 16 години (55 проценти) рекле дека биле изложени на несоодветна сексуална или насилна содржина, честопати без предупредување, додека три четвртини од нив признале дека биле контактирани од непознати лица преку интернет.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Тотална контрола: Талибанците почнуваат да го исклучуваат интернетот низ целата земја

Кајл најави дека јавноста ќе биде информирана за конкретните мерки оваа есен.