Велика Британија се согласи да ги предаде Островите Чагос на Маурициус, со што се стави крај на долгогодишниот спор околу последната британска африканска колонија.
Велика Британија ги протера жителите на архипелагот Чагос во 1960-тите и 1970-тите, во она што беше опишано како злосторство против човештвото.
Велика Британија го задржа овој посед и го нарече британска територија на Индискиот Океан или БИОТ, откако Маурициус стекна независност во 1968 година, пишува Гардијан.
Договорот уследи по рунда преговори што започнаа во 2022 година, откако Меѓународниот суд на правдата (МСП), Генералното собрание на ОН и Меѓународниот трибунал за правото на морето (ITLOS) во 2019 и 2021 година ги признаа барањата на Маурициус за суверенитет над архипелагот Чагос.
Беше откриено дека Британија незаконски ги одвоила Островите Чагос од Маурициус пред да даде независност во 1968 година.
Велика Британија првично ги игнорираше гласовите на ОН и судските одлуки со кои се бараше да ги врати островите, нагласувајќи дека пресудата на МСП е само „советодавно мислење“, пренесува Танјуг.