Британец оди во затвор во Сингапур, бидејќи не сакал да носи маска

Сподели со своите пријатели

Судот во Сингапур осуди Британец на шест недели затвор за постојано одбивање да носи маска за лице, објавија локалните медиуми, пренесува Си – Ен – Ен.

Бенџамин Глин (40) беше прогласен за виновен по четири точки од обвинението, бидејќи не носел маска во возот во мај и на суд.

Покрај тоа, тој го нарушил јавниот мир и им се заканувал на службениците.

Глин претходно бил подложен на психијатриска проценка по наредба на судија за неговото однесување и забелешки на суд.

Вчера, тој побара од судот да ги отфрли, како што рече, „незаконските обвиненија“ и побара да му се врати пасошот за да може да се врати во Британија и да биде со своето семејство.

Не е првиот Британец осуден во Сингапур за кршење на мерките

Глин се претставуваше на суд, а судијата тврди дека Глин се однесувал како да бил изземен од сингапурските закони за носење маски.

Азискиот деловен центар е познат по спроведувањето строги правила и ги осуди и казни другите за кршење на прописите за Ковид-19. На некои странци им беа одземени работните дозволи поради кршење на правилата.

Пандемијата таму е претежно под контрола.

Во февруари, судот во Сингапур го осуди Британецот на две недели затвор, откако тајно излегол  од неговата хотелска соба за да се сретне со неговата тогашна свршеница во карантин.