Брисел е против избори и референдум во Украина

Сподели со своите пријатели

Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас оцени дека одржувањето на избори во Украина за време на вооружениот конфликт со Русија нема да биде добро решение, се наведува на официјалната веб-страница на Европската комисија.

Како што истакна таа, уставите на повеќето европски земји предвидуваат ограничувања или забрани за одржување избори за време на воени операции.

Според неа, изборите подразбираат внатрешно-политичка битка меѓу различни сили, која во услови на надворешна закана може дополнително да ја оптоварува државата.

„Кога продолжуваат надворешните напади, невозможно е да се одржат избори, бидејќи непријателот е однадвор и сите напори мора да бидат насочени кон спротивставување на таа закана. Затоа, според мене, одржувањето избори за време на војна дефинитивно не е добро решение“, рече Каласова.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Европа здивна со олеснување: Минхенската конференција без Трамп и Венс

Во меѓувреме, весникот „Фајненшл тајмс“ на 11 февруари објави, цитирајќи неименувани извори, дека украинскиот претседател Володимир Зеленски размислува за распишување претседателски избори и референдум за мировниот договор со Русија на 24 февруари.

Но, набргу по таа објава, дојде демант од околината на Зеленски, со тврдења дека не се точни наводите за претстојното распишување избори.

Мандатот на претседателот на Украина истече во мај 2024 година, по пет години на власт.

Според украинскиот устав, на крајот на тој период требаше да се одржат нови избори, но тоа не се случи поради воведувањето и продолжувањето на вонредната состојба поради воените околности.