Бразилскиот јавен обвинител официјално го обвини поранешниот екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро и 33 други за обид за државен удар по неговиот пораз на изборите во 2022 година.
Болсонаро (69) и неговите сообвинети се обвинети за пет точки за заговор за да се спречи претседателот Луис Инасио Лула да Силва да ја преземе функцијата по тесната изборна трка.
Државниот обвинител Пауло Гонет Бранко поднесе обвинение до Врховниот суд врз основа на ракописи, дигитални датотеки, табели и размена на пораки кои откриваат шема за нарушување на демократскиот поредок, се вели во соопштението на неговата канцеларија.
Тие детално опишуваат заговор смислен и спроведен против демократските институции, се тврди.
Едно од обвиненијата е за злосторство на вооружена криминална организација, наводно предводена од Болсонаро и неговиот потпретседателски кандидат Валтер Брага Нето.
„Заедно со други поединци, вклучително и цивили и воен персонал, тие направија координиран обид да го спречат признавањето на резултатите од претседателските избори во 2022 година“, се вели во соопштението.
Обвинителството ја засноваше својата одлука на извештајот на федералната полиција на повеќе од 800 страници, објавен минатата година по двегодишна истрага која покажа дека Болсонаро бил целосно свесен и активно учествувал во заговор да остане на власт.
Болсонаро ги отфрли обвинувањата и рече дека е жртва на прогон.
„Обидот за државен удар стана празно обвинение кое нема апсолутно никакви докази против Болсонаро“, напиша неговиот син, сенаторот Флавио Болсонаро на Х.
По објавувањето на обвинението, правниот тим на Болсонаро рече дека е шокиран и револтиран, додавајќи во соопштението дека Жаир Болсонаро никогаш не бил поврзан со движење кое имало за цел да го деконструира демократското владеење на правото.
Според соопштението од кабинетот на Бранко, заговорот започнал во 2021 година, со систематски напади на електронскиот систем за гласање, преку јавни изјави и на интернет.
За време на вториот круг од претседателските избори во октомври 2022 година, безбедносните агенции беа мобилизирани за да ги спречат гласачите да гласаат за кандидатот на опозицијата, се вели во соопштението.
Оние кои беа вклучени во оваа фаза работеа на олеснување на актите на насилство и вандализам на 8 јануари 2023 година, кога поддржувачите на Болсонаро упаднаа во претседателската палата, Конгресот и Врховниот суд во главниот град Бразилија.
Канцеларијата на јавниот обвинител соопшти дека криминалната организација предводена од Болсонаро вршела притисок врз воените офицери да користат насилни акции на политичката сцена за да го спречат избраниот претседател да ја преземе функцијата.
Истрагите открија и заговор за атентат на Лула, потпретседателот Џералд Алкмин и судија од висок профил, со одобрение на Болсонаро.
Според соопштението, немирите на приврзаниците на Болсонаро на 8 јануари, во кои тие ја повикаа армијата да интервенира, биле последен обид.
Врховниот суд сега ќе ги одмери наводите и ќе одлучи дали да покрене постапка против Болсонаро.
Неколку часа пред обвинението, Болсонаро им рече на новинарите во Бразилија дека не е загрижен за можноста да биде обвинет.
Тој зборуваше во Сенатот, каде што се залагаше за амнестија на неговите поддржувачи кои беа затворени по немирите во Бразилија.
Врховниот суд ги потврди пресудите на речиси 400 луѓе за напади на владини згради. Болсонаро, кој беше во САД на денот на немирите, ги негираше обвинувањата против него во неодамнешното интервју за CNN Бразил.
„Каков државен удар е ова? За што сум обвинет? Дека планирам пуч овде во Бразил, во Орландо, во Дизни, со Мики, Гуфи и Пајо Паторот?
Запрашан што ќе се случи ако биде уапсен, Болсонаро рече дека нема да оди во затвор.
„Нема да го напуштам Бразил. Нема да бегам од Бразил“, рече тој.
Претседателот на највисокиот суд во Бразил, Луис Роберто Баросо, завчера изјави дека на Болсонаро ќе му се суди без политизација.
На Болсонаро му беше забрането да извршува јавна функција до 2030 година бидејќи покрена неосновани сомнежи за електронскиот систем на гласање во Бразил за време на неговата неуспешна кампања за реизбор.
Сепак, и покрај тоа што е до врат во правните проблеми, тој се обидува да ја оспори должината на неговата политичка забрана во обид повторно да се кандидира за функцијата на изборите во 2026 година.
„Дали ќе одржиме избори без опозиција овде во Бразил? Затоа што без мене од десницата, денес нема опозиција“, изјави тој за Си-Ен-Ен Бразил.