Бразилските истражители ги испитуваат личните финансии и комуникациите на поранешниот претседател на земјата, Жаир Болсонаро, кој се соочува со потенцијални санкции откако неговите неосновани тврдења за изборна измама го поттикнаа движењето за оспорување на победата на актуелниот претседател Луис Инасио Лула да Силва во октомври.
Откако Болсонаро тесно ги загуби изборите, илјадници негови приврзаници упаднаа во зградите на бразилската влада на 8 јануари, пренесува Ројтерс.
Државата потоа започна истрага за немирите, додека беа истражени и други околности поврзани со поранешниот претседател, како што се доверливите телефонски и банкарски записи на Болсонаро и неговата сопруга Мишел.
Пресудата, која првпат ја објавија локалните медиуми во четвртокот навечер, ќе ѝ даде на полицијата поголема способност да ги истражи повеќекратните обвиненија со кои се соочува Болсонаро.
Подоцна во четвртокот, исто така беше објавено дека поранешната десна рака на Болсонаро, Мауро Сид, планирал да се изјасни за виновен за неговата вмешаност во злосторства поврзани со наводната продажба на накит дониран од странски влади.
Се вели дека Сид, кој беше уапсен, размислува да признае дека играл клучна улога во шемата за трговија со накит, наводно организирана од поранешниот претседател.