Почитта кон постарите генерации е мерка за вистинската човечност на едно општество, порача Гордица Бошковска, кандидат за советник на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Куманово, во своето обраќање посветено на пензионерите и грижата за највозрасните сограѓани.
„Ако сакаме да се нарекуваме општина со душа, мора да бидеме општина што со вистинска грижа и почит се однесува кон постарите. Општина која е пријател на пензионерите,“ истакна Бошковска, нагласувајќи дека токму пензионерите се „нашата мудрост, нашата совест и нашата историја“.
Таа порача дека генерациите кои со својот труд, знаење и љубов го изградиле Куманово заслужуваат достоинствени пензионерски денови.
„Затоа, наша должност е да обезбедиме поддршка, квалитетни услови за живот и активно учество во заедницата, за нивните пензионерски денови да бидат исполнети со достоинство, сигурност и почит,“ рече кандидатката за советник.
Во програмата на Движењето ЗНАМ, Бошковска посочи дека се предвидени бројни проекти насочени кон унапредување на грижата за пензионерите: нов објект на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Проевце, проширување и модернизација на постојните капацитети, програми за активен живот и социјална интеграција, субвенционирање на домашна нега, поддршка на дневните центри и клубовите за рекреација, како и еднократна финансиска помош за пензионерите од социјално загрозените категории.
„Вистинската сила на едно општество не се мери само со новите згради и патишта, туку со почитта кон оние што ја трасирале патеката пред нас. Затоа, Куманово го градиме како општина со душа, општина што слуша, разбира и подава рака. Општина во која постарите не се заборавени, туку ценети и вклучени,“ порача Бошковска.
Таа додаде дека визијата на Движењето ЗНАМ е создавање заедница во која секој повозрасен човек ќе се чувствува безбеден и ценет.
„Создаваме заедница во која секој повозрасен човек ќе се чувствува сакан, почитуван и сигурен. Тоа е нашата визија, тоа е нашата обврска,“ заврши Бошковска.
Никола Ивановски