Женскиот ракометен клуб Куманово нерешено го одигра првиот натпревар оваа сезона во женската супер лига во кој за противник го имаше составот на ЖРК Вардар.
Репрезентативката Александра Боризовска го однесе Куманово до овој резултат, бидејќи успеа да ги реализира скоро половина од постигнатите голови на својот клуб.
Вардарки поведоа со 3:0 и предноста ја чуваа целото прво полувреме, иако кумановки се трудеа да направат пресврт во резултатот. Со позитива од четири поени Вардар замина на полувреме, односно резултат 16:12.
Второто полувреме донесе повеќе пресврти во резултатот. Израмнувањето пристигна на 20:20 кога повторно следуваа три гола од домашниот состав при што кумановки пак имаа негатива. Напорната игра гостинскиот состав го доведе само до израмнет резултат, односно 30:30.
Иако очекуваа победа, сепак освојувањето по еден бод за двата тима е одлична лекција каде се грешките во играта и на што треба да се работи во следниот период.
Во составот на Куманово, освен Боризовска која постигна извонредни 14 поени, добра игра прикажа и новото засилување Сања Дабевска, која реализираше осум погодоци. Кај Вардар со 10 поени брилираше Седлоска.