Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, рече дека ќе предложи европска финансиска помош за Украина за купување оружје и гориво.
– На министрите за надворешни работи на ЕУ ќе им предложам користење на Европскиот мировен механизам за две вонредни мерки. Целта на овие мерки е да се финансира снабдувањето со смртоносен материјал за херојската украинска армија, која се бори со жесток отпор против руските напаѓачи, и да се обезбедат итни потреби за други материјали, како што се гориво и медицински материјали, рече Борел, кој свика вонреден виртуелен состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Европскиот мировен механизам е вонбуџетски инструмент кој и овозможува на Европската унија да дејствува итно за да го поддржи глобалниот мир и безбедност преку помош што има воени и одбранбени импликации.
На барање на Кулеба
Предлогот уследи по директното барање на украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба.
На виртуелната средба министрите ќе разговараат за построги санкции кои вчера ги најавија повеќе земји и Европската комисија.
Овие мерки вклучуваат исклучување на голем број руски банки од SWIFT и спречување на руската централна банка да ги користи своите меѓународни резерви.