Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, вети дека наскоро ќе се деблокираат плаќањата од Европскиот мировен фонд (ЕПФ), кој ја финансира испораката на оружје во Украина, што е блокирано од Унгарија.
„Ние сме на прагот на договор, не можам да кажам 100 отсто, но речиси сум сигурен дека ќе постигнеме договор на сите земји-членки за мојот последен предлог“, рече Борел на прес-конференцијата по состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ Хина.
Унгарија ја блокира исплатата на повеќе од пет милијарди евра од Европскиот инструмент за мировна помош за оружје што земјите-членки веќе и го доставија на Украина.
Борел предложи придонесите на земјите-членки во ЕПФ да бидат прогласени за доброволни наместо задолжителни за да се заобиколи унгарското вето.
Некои дипломати посочуваат дека ваквото решение може да создаде нови проблеми, меѓу другото, владите на некои земји членки ќе мора да бараат одобрение од нивните парламенти, што дополнително ќе го забави деблокирањето на средствата и дека некои од нив би можеле да платат и помалку отколку што треба.
Помош за Украина
„Не гледам ризик земјите-членки да платат помалку ако тоа е доброволно“, рече Борел како одговор на таквите критики.
Тој повтори дека не е сто проценти сигурно оти неговиот предлог ќе добие зелено светло, но се надева дека тоа ќе се случи до следниот министерски состанок.
„Следниот состанок на Советот за надворешни работи ќе биде мојот последен состанок и се надевам дека министрите нема да ми го расипат“, рече Борел.
Министрите разговараа за Украина и потребата да се зголеми помошта за неа пред да пристигне зимата.
„Не смееме да дозволиме (рускиот претседател) Путин да ја користи зимата како оружје“, рече Борел. Тој најави и дека ЕУ ќе ја продолжи својата мисија за воена помош за Украина за уште две години.
Борел рече дека министрите сметаат дека израелските напади врз мировниците на ОН во Либан се неприфатливи.
Тој предупреди дека Израел го претвора Либан во друга Газа и дека 1,2 милиони луѓе, 20 отсто од либанското население, се протерани од јужен Либан.