Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика, Жозеп Борел, предложи ЕУ да го прекине политичкиот дијалог со Израел, наведувајќи ги како причина евентуалното кршење на човековите права во војната во Појасот Газа, според изјавите на четворица дипломати и писмо до кое имал пристап.
Во писмото испратено до министрите за надворешни работи на ЕУ во средата, пред нивниот состанок во понеделник, Борел изрази „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и рече дека „Израел досега не одговорил доволно на тие грижи“.
Политичкиот дијалог е содржан во поширокиот договор за односите меѓу ЕУ и Израел, вклучително и екстензивните трговски врски, кој стапи на сила во јуни 2000 година, пренесува РСЕ.
„Во светло на горенаведените размислувања, ќе предложам ЕУ да се повика на клаузулата за човекови права за да го прекине политичкиот дијалог со Израел“, напиша Борељ.
За суспензија ќе биде потребно одобрение од сите 27 земји на ЕУ, што според дипломатите е малку веројатно.
Неколку земји се спротивставија кога висок функционер на ЕУ ги информираше амбасадорите во Брисел за предлогот во средата, изјавија тројца дипломати кои сакаа да останат анонимни.
Предлогот на Борел има за цел да испрати силен сигнал за загриженост за однесувањето на Израел во војната, рече еден дипломат.
За тоа ќе се разговара на состанокот на министрите за надворешни работи, последен со кој ќе претседава пред истекот на неговиот петгодишен мандат.
Канцеларијата на ОН за човекови права минатата недела соопшти дека речиси 70 отсто од смртните случаи што ги потврдила во војната биле жени и деца и го осуди, како што го нарече, систематско кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право.
Израел соопшти дека категорично го отфрла извештајот.
Израелската војска соопшти дека нејзината акција била „во согласност со принципите на дистинкција и пропорционалност, и ѝ претходи внимателна проценка на потенцијалот за цивилна штета“.
ЕУ се обидува да најде цврста обединета позиција за војната во Појасот Газа, која беше поттикната од нападите на палестинските милитанти Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година.
Унијата го повика Хамас да ги ослободи сите израелски заложници и двете страни да го почитуваат меѓународното право.
Повеќе од 43.500 Палестинци се убиени во Појасот Газа за време на војната, според здравствените власти на територијата контролирана од Хамас, палестинска милитантна група означена како терористичка организација од САД и ЕУ.
Некои земји од ЕУ, како Чешка и Унгарија, силно го поддржуваат Израел, додека други, како Шпанија и Ирска, ја нагласуваат својата поддршка за Палестинците.