Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, денеска ја поздрави како „многу добра вест за Украинците“ одлуката на САД да ја овласти Украина да користи ракети со долг дострел за напади во Русија и рече дека се надева дека сите земји-членки на ЕУ ќе ја следат одлуката.
„Во Европа тоа е национална надлежност. Некои земји-членки тоа веќе го прават отворено, други го прават тоа без да кажат ништо, а некои не кажаа ништо вчера. Но, сигурен сум дека ќе го следат примерот на САД да им дозволат на Украинците да користат оружје за да се борат против Русите на руска територија. Затоа што се напаѓани од руска територија. И тоа е целосно во согласност со меѓународното право. Денес ќе разговараме за тоа. Се надевам дека сите земји-членки ќе ја следат одлуката на САД“, изјави Борел пред новинарите по пристигнувањето на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ посветен на одбраната.
Тој додаде дека САД донеле важна одлука „која секако ја поздравувам“.
„По долги дискусии, претседателот (американскиот Џозеф) Бајден одобри употреба на оружје со долг дострел до 300 километри на руска територија. Ова е многу добра вест за Украинците. Тие тоа го побараа“, рекол Борељ, пренесува Танјуг.
На прашањето дали ако САД ја прекинат сета поддршка за Украина, тоа ќе биде доволно за заштита на Украина и Европа, тој рече дека Европејците не можат да бидат во реактивен режим, односно да седат и да чекаат што ќе направат Американците и потоа да реагираат.
„Не можеме да чекаме (новоизбраниот претседател Доналд) Трамп да одлучи. Нашата поддршка за Украина мора да продолжи“, рече Борел.
Тој, исто така, посочи дека денеска се одбележуваат 1.000 дена од почетокот на војната во Украина и додаде дека за време на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ посветен на одбраната, ќе разговара со министрите за одбрана на ЕУ како да продолжи да ја поддржува Украина.
Во Брисел денеска се одржува состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ посветен на одбраната, на кој ќе се разговара за воената поддршка на ЕУ за Украина, а ќе присуствува и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
За време на средбата, како што се наведува во соопштението на Советот на EY, преку видео врска ќе се одржи неформална размена на мислења со украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров и советникот на претседателот на Украина Володимир Зеленски за стратешки прашања, Александар Камишин.
На дневен ред се и одбранбената готовност и подготвеност на ЕУ и други прашања.