Во бомбардирањето на Црвениот крст во Газа загинаа 22 лица кои претходно нашле засолниште во шатори во близина на просториите на таа хуманитарна организација.
„Проектили од тежок калибар паднаа на неколку метри од канцеларијата и сместувањето на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во петокот попладне“, се вели во соопштението на Црвениот крст.
Оштетените простории се опколени со стотици раселени цивили кои живеат во шатори, меѓу кои и многу вработени во Црвениот крст. Повредени се 45 лица.
Се додава дека сите страни имаат обврска да преземат мерки на претпазливост за да се избегнат повреди на цивили и хуманитарни објекти, јавува Би-Би-Си.
Портпаролот на израелските одбранбени сили изјави за новинската агенција АФП дека првичните истраги сугерираат дека „нема индикации“ дека тие извршиле напад во областа, но додаде дека инцидентот е „под преглед“.
Црвениот крст додаде дека „овој сериозен безбедносен инцидент“ е само еден од неколкуте што се случија во последните денови и ги осуди нападите кои ги загрозуваат животите на хуманитарците и цивилите.
Министерството за здравство на Хамас во Газа претходно објави дека 25 лица загинале, а 50 се повредени во гранатирањето, за што го обвинува Израел.