Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово продолжува со интензивна културна програма и во наредниот период, најави директорот на установата, Сашо Тодоровски.
Вечерва, кумановската публика ќе има можност да ја проследи театарската претстава „Смрт и девојка“, која ќе се одигра во малата сала со почеток од 20 часот.
– Вечерва во Центарот за култура ќе ја имаме претставата „Смрт и девојка“, ги повикувам кумановци да дојдат на таа претстава. Сакам да истакнам дека тоа е претстава која ја имаме направено со сопствени средства, изјави Тодоровски, посочувајќи дека премиерата била реализирана минатата година и дека претставата наишла на голем интерес кај публиката.
Во текот на идната недела, на сцената ќе настапи и албанската драма со две претстави.
– Идната недела албанската драма ќе има две театарски претстави. Премиерата која ја имаа минатата година кон крајот на декември „Зоо приказна“ и една детска театарска претставата, најави директорот.
Тодоровски информираше и за првата изложбена активност во 2026 година, која ќе биде отворена на 29 јануари.
– На 29ти јануари во черврток би сакал да ја најавам и првата изложба која ќе ја реализираме оваа година. Тоа е наша сопствена изложба на институцијата, на професорката Јана Јакимовска, проектот „Везилка“, рече тој, додавајќи дека изложбата ќе биде отворена во 19 часот во фоајето на Центарот за култура.
Тој информираше и дека се очекува наскоро објавување на годишната програма за работа на установата.
– Во моментот очекуваме да се објави и годишната програма која би требало да биде на почетокот на февруари, за да знаеме установата со каков буџет ќе располага и кои финансиски средства ќе ги имаме се со цел да се реализира тековната програма во 2026 година, рече директорот на Центарот за култура.
Во почетокот на февруари, публиката повторно ќе може да ја гледа детската претстава „Црвенкапа“, како и тековниот репертоар на Театар Куманово.
Никола Ивановски

