Општинскиот сојуз на спортови на град Куманово, во соработка со повеќе локални спортски клубови, оваа година подготви разновидна програма на спортски манифестации по повод државниот празник 11 Октомври – Денот на востанието на Македонија.
Активностите започнаа на 8 октомври со турнир во одбојка за жени, кој се одржа во спортската сала на ОСТУ „Наце Буѓони“ во организација на ОССК и ЖОК Куманово.
Во текот на следните денови следуваат низа спортски настани:
На 10 октомври, Општинскиот сојуз на училишен спорт Куманово ќе организира турнир во одбојка за основни училишта во женска конкуренција во ООУ „Кочо Рацин“ со почеток во 8:30 часот, со учество на девет екипи.
Истиот ден, во ОСТУ „Наце Буѓони“ ќе се одржи и турнир во пинг-понг за средни училишта, со почеток во 9:00 часот и учество на околу 20 натпреварувачи од четири училишни екипи.
На 11 октомври, спортскиот викенд ќе продолжи со неколку настани: традиционалниот Атлетски митинг „11 Октомври Куманово“ на атлетскиот полигон кај „Наце Буѓони“, кој ќе започне во 10:00 часот и ќе обедини 150 до 200 натпреварувачи.
Фудбалски турнир за генерацијата 2014 во организација на ФК „Куманова Милано 2010“, со почеток во 10:00 часот и учество на десет екипи од земјата; како и аикидо семинар „11 Октомври Куманово“, што ќе се одржи во салата на АК „Агатсу“ на ул. Иво Лола Рибар бр. 112, со почеток во 19:00 часот.
На 12 октомври, во спортската сала на ООУ „Христијан Карпош“ ќе се одржи ракометен турнир во младински категории „11 Октомври Куманово“, со почеток во 12:00 часот, каде ќе настапат екипи од Куманово, Скопје и Велес.
На 18 и 19 октомври, на тениските терени кај спортската сала ќе се реализира тениски турнир за младински категории и отворен турнир за граѓани, со учество на 30 до 40 натпреварувачи во организација на Тенискиот клуб „Тумба“ и ОССК Куманово.
Во рамките на програмата, на 10 ноември, Општинскиот стрелачки клуб „Куманово 2000“ ќе организира натпревар во стрелаштво со воздушна пушка помеѓу градовите Прилеп и Куманово, со почеток во 16:00 часот, во просториите на клубот во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“.
Никола Ивановски