Американскиот државен секретар Ентони Блинкен утрово зборуваше пред состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО и ЕУ во Брисел.
Блинкен рече дека „во светло на неиспровоцираната, однапред смислена агресија на Русија против Украина, овој сојуз се собра брзо, обединето и решително“.
– Веднаш беше формирана оперативна група за брза реакција, која постепено ги спроведуваше плановите за продолжување на зајакнувањето на безбедноста на НАТО. „Секој сојузник на овој или оној начин доаѓа на помош на Украина, секој сојузник на еден или друг начин помага да се зајакне самото НАТО“, рече Блинкен.
Тој додаде дека НАТО „не бара конфликт“.
– Но, доколку дојде до конфликт, ние сме подготвени за тоа и ќе ја браниме секоја педа од територијата на НАТО – рече Блинкен.
Да потсетиме, министрите за надворешни работи на НАТО и ЕУ денеска се собираат во Брисел на средби на кои ќе се разговара за ситуацијата во Украина.