Благо закрепнување на рубљата по шокот во четвртокот

Сподели со своите пријатели

Руската рубља благо зајакна во петокот и делумно ги врати загубите од четвртокот, покажуваат податоците на Московската берза, кои ги пренесува руски Риа Новости.

Loading...

Според овие податоци, американскиот долар падна за 1,85 рубљи – на 83,4 рубљи, а еврото за 2,01 рубљи – на 93,2 рубљи.

Во четвртокот доларот ја достигна максималната вредност во однос на рубљата и вредеше 89,6 рубљи, а еврото – 99,99 рубљи, што е највисока од 2014 година кога достигна 100,74 рубљи.

Тогашниот висок курс на еврото ги одразуваше санкциите наметнати поради руската анексија на Крим.

За да ја стабилизира ситуацијата на финансискиот пазар по руската воена инвазија на Украина вчераутро, руската централна банка одлучи во четвртокот да започне со девизни интервенции и да спроведе операции за обезбедување дополнителна ликвидност на банкарскиот сектор.

Економскиот и финансискиот сектор на Русија е под притисок од најавените остри санкции поради нејзината агресија врз Украина.

Лидерите на ЕУ се договорија за санкции против Москва насочени кон 70 отсто од рускиот банкарски пазар и клучните државни компании, објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во твит рано во петокот.

Американската влада воведе санкции и за најголемата руска банка Сбербанк, најголемиот доверител на руската економија и банката со најмногу штедни влогови.

Loading...

Американскиот претседател Џо Бајден претходно најави мерки против втората по големина руска банка ВТБ.

САД воведоа санкции и за Белорусија, која е вклучена во инвазијата на Украина.