Локалната бизнис заедница може да учествува на донаторскиот настан, насловен „Куманизам-Хуманизам“ и да помогне на ранливите категории граѓани од Куманово.
Настанот кој го организира Граѓанскиот центар „АктивУм“, ќе се одржи на 7. февруари, годинава, (петок), со почеток од 20 часот во салата на Занаетчискиот Дом.
– Бизнис заедницата во Куманово е активен и одговорен чинител на животот во Куманово: твори во нашата заедница, се потпира на луѓето од заедницата, но и придонесува за локален развој и враќа со поддршка секогаш кога има можност и потреба. Овој настан претставува наш заеднички придонес кон афирмацијата на донаторството и филантропијата помеѓу бизнис заедницата како алатка за општествена одговорност, но и културна вредност за соживот и солидарност-велат од „АктивУм“.
Бизнис заедницата може да донира за социјалните ранливите категории граѓани, болните, немоќните, сиромашните преку котизација за учество во настанот, директни донации во производи и/или учество во аукција на слики и фотографии.
Собраните средства ќе бидат доставени на граѓаните кои имаат итна потреба од помош и поддршка.
Донаторскиот настан „Куманизам=Хуманизам” се организира во рамки на проектот #Култура за Куманово #Куманово за култура, имплементиран од Граѓански Центар Активум Куманово, а поддржан од „Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD)”, финансирана од Европската унија, а спроведувана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Проектот е ко-финансиран од Општина Куманово.

А.М.