Кошаркарите на Куманово вечерва го играат вториот финален меч од БИБЛ лигата против составот на бугарскиот клуб Берое со што официјално ќе се затвори овогодинешната сезона од Балканската лига.
Сино-белите ќе мора да бркаат негатива од 29 поени со колку го загубија мечот во Стара Загора, доколку сакаат да го донесат првиот пехар на својот град. Ослабнатиот ростер на Србиновски не успеа да триумфира на гостински терен, но со помош на домашната публика кумановци се надеваат на позитивен изход. Тешко, но не и невозможно.
Од Стара Загора вечерва пристигнуваат и околу 100 навивачи на Берое, а со оглед на големата поддршка која кумановската публика ја дава на својот клуб несомнено ќе имаме вистинско финале.
Мечот започнува од 19 часот, а за сите оние кои нема да успеат да дојдат во Спортската сала во Куманово, директен пренос од мечот ќе има на Сител 3 телевизија.