Полицаец уби маж кој пред себе извадил нож утрово на аеродромот Шарл де Гол во Париз, соопштија полицијата и извори од аеродромот.
„Утрово полициски службеници неутрализираа лице кое претставувало закана и било вооружено со ладно оружје на аеродромот „Роаси Шарл де Гол“, објави париската полициска префектура на својот профил на Твитер.
Инцидентот се случил на терминалот 2F околу 08:20 часот. Чуварите го предупредиле бездомникот да се оддалечи, а на помош била повикана и полиција, изјавил извор од аеродромот.
Мажот се оддалечил, а потоа се вратил и извадил нож. Еден од полицајците отворил оган, соопштија полициски извори.
„Висок човек замавна со предмет што личеше на нож кон полицијата. Беше предупреден, но тој се приближи и полицаецот пукаше. Беше испукан само еден истрел”, рекол фотограф од агенцијата Франс прес, кој бил сведок на инцидентот.