Без разлика дали има 30 или повеќе гости, потребен ви е Ковид сертификат за во кафуле

Сподели со своите пријатели

Без разлика дали имаат 30 или повеќе гости, угостителските објекти не смеат да ви дозволат да влезете доколку немате сертификат за примена најмалку една доза од вакцина против коронавирусот, ова денеска го појасни министерот за здравство Венко Филипче.

Одлуката што вчера ја донесе Владата важи не само за пиење кафе, туку за секаков вид настани, обуки, семинари, културни и спортски случувања.

Единствена разлика, вели министерот Филипче, е што ако објектот има над 30 гости треба да има редарска служба што ќе ги проверува сертификатите, доколку има помалку од 30 нема потреба од редар, но останува задолжителен сертификат.

– Единствена разлика е во тоа што, ако има над 30 гости, објектот треба да има редарска служба која ќе ги проверува сертификатите. За тоа кој ќе биде редар, тоа е веќе техничко прашање во надлежност на угостителите и трговските центри. Контрола ќе вршат инспектори од Државниот пазарен инспекторат, појасни Филипче.

Согласно препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

– сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД – 19 или

– сертификат/потврда за прележан КОВИД – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Слободен влез ќе имаат само лицата под 18 години за кои нема да биде задолжителен ковид сертификатот.

Никола Ивановски