Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во рамките на иницијативата „Направи чекор“, го најавува започнувањето на летни интензивни курсеви по англиски јазик и информатика, кои ќе се реализираат преку eTвининг-мрежата под наслов „Јазикот и технологијата во служба на квалитетен eTвиниг проект“.
Курсевите ќе се одржуваат во текот на јули и август 2025 година, и ќе бидат наменети за ученици од ранливи социјални категории, организирани во групи според нивото на знаење, од почетно до напредно.
Во реализацијата ќе бидат вклучени наставници по англиски јазик и информатика, кои ќе работат по прилагодени програми и ќе користат специјализирани материјали за забрзано учење. Преку оваа иницијатива, Националната агенција ќе овозможи бесплатна обука за 600 деца од ранливи категории, поттикнувајќи го развојот на нивните јазични и ИКТ ваштини преку современи и достапни образовни можности.
Оваа иницијатива е значајна бидејќи претставува јасен пример за тоа како образованието може да биде моќна алатка за инклузија, обезбедувајќи еднакви можности за сите деца, без разлика на нивната социјална или економска позадина.
Целите на иницијативата се многустрани: да се унапредат јазичните и дигиталните вештини на учениците; да се поттикне самодоверба и мотивација кај младите; да се промовира проектно учење; да се создаде основа за понатамошно учество во европски образовни проекти и да се изградат одржливи локални практики кои ќе ги поддржат учениците и по завршувањето на курсевите.
Со примена на иновативни методи, ангажирани наставници и вредни партнерства, оваа програма претставува вистински чекор напред кон поинклузивно, поквалитетно и европски ориентирано образование во РС Македонија.
Со почит,