Бесплатен влез за утрешниот натпревар Куманово – МЗТ (видео)

Сподели со своите пријатели

Љубителите на кошарката утре ќе може да навиваат на натпреварот Куманово – МЗТ Скопје Аеродром без да платат билет, одлуката управата на клубот ја донела во пресрет на празникот „11 Ноември“, најави денеска новиот в.д. претседател на клубот Младен Давидовиќ.

Како што посочи на денешната прес конференција, неговото присуство во клубот од 2010 година и доброто познавање на ситацијата во кошарката ќе доведе до позитивни промени на кошаркарската сцена во Куманово, а за освежување на ростерот допрва ќе се разгледуваат финансиските средства.

– Финансирањето досега на клубот беше исклучително само од општина, што во наш прилог оди промената на законот за спорт, ќе направиме услови, позиција и клуб каде ќе сакаме да привлечеме спонзори од страна што ќе ни бидат инекција на самиот клуб. Генерално ветувањата се тие, работа не чека, клубот е во тешки финансиски моменти и се надевам дека со луѓето што ме поддржуваат во наредниот период ќе ги надминеме, изјави Давидовиќ.

Loading...

Како што посочи Давидовиќ и новиот градоначалник дава голема поддршка за кошарката, а колку средства ќе има за следната сезона допрва ќе се знае со новата програма за спорт на Општина Куманово.

Утре кумановци го пречекуваат повеќекратниот шампион на Македонија, најголемиот ривал МЗТ Скопје Аеродром, а за прв пат со тренерот Александар Петровиќ, кој претходно беше на клупата токму на овој клуб. Тој, како и сите во клубот очекуваат утре полни трибини кои ќе дадат поддршка на играчите за што подобар резултат.

– Одигравме еден натпревар во Тирана каде имаше и добри и многу лоши моменти на кои треба во наредниот период да се работи, но календарот е згуснат, не чека утре натпревар против МЗТ, па уште поважна во недела против Работнички, во среда против Рилски, не е лесен ниту натпреварот со Кожув, за 10 дена четири натпревари. Ние играме на домашен терен, момците, задоволен сум од нивното залгање, некои тактички замисли што ги имам јас ќе видиме колку ќе ги споделиме, изјави Петровиќ.

Според репрезентативецот Димитар Караџовски, промените на тренерската позиција, раководството, но и четирите порази во последна секунда на натпреварувањата се тешки за играчите, но се надева на промени на таквата ситуација.

– Би ја повикал публиката, да почне повеќе да доаѓа, затоа што сите знаеме дека е шести играч за Куманово, пред три-четири години кога дојдов, работите сега се сменети, се надевам дека пак ќе се врати таа еуфорија и жар за кошарка, се надевам дека со сите промени што се случија и сите муабети дека ќе почне работата да оди на подобро што се однесува на публика, така да играчите се тие, составот е тој, ние ќе дадеме се од себе како и до сега и се надевам дека ќе тргнеме на домашна победа против еден ривал кој сите го знаеме и да зачекориме со неколку победи и да се вратиме на некое старо место па да се решаваат и сите останати работи, изјави Караџовски.

Натпреварот утре започнува во 17:30 часот, а вратите за публиката ќе бидат отворени за заедничка победа на кошаркарите и навивачите.

Освен промени на претседателската функција каде дојде Давидовиќ по остаквата на Виктор Божиновски, нов спортски директор е Дарко Петковски, а со младинската школа ќе раководи Милош Нинковиќ.