Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, во краткото обраќање за време на генералната аудиенција во средата, ги повика верниците да се молат за 95-годишниот Џозеф Рацингер, папата Бенедикт Шеснаесетти, за кој рече дека е „многу болен“.
Германските медиуми, вклучително и Втората програма на јавниот сервис ЗДФ, јавуваат дека папата е „на смртна постела“.
По аудиенцијата, папата Франциск го посети својот претходник.
На повикот за молитва се приклучија и првосвештеници и епархии на повеќе континенти. Американската бискупска конференција, на пример, објави молитва за Бенедикт на Инстаграм.
А претседавачот на француската бискупска конференција се огласи на социјалните мрежи.
Келнскиот архиепископ Рајнер Марија Велцки, кој Бенедикт го направи кардинал во 2012 година, се приклучи на повикот за молитва, како и другите свештеници.
Меѓу нив беа Георг Бецинг, претседавач на Германската бискупска конференција и бискуп од Лимбург, минхенски надбискуп и кардинал Рајнхард Маркс, како бискуп Рудолф Фодерхолцер од Регенсбург.
Бенедикт очигледно не сака да биде хоспитализиран
Според извештаите на новинската агенција Анса, 95-годишниот Бенедикт веќе неколку дена имал респираторни проблеми.
Ватикан објави дека неговото здравје се влошува и дека му се влошуваат виталните телесни функции, „вклучувајќи ги и функциите на срцето“.
Вчера портпаролот на Ватикан изјави дека ситуацијата е „под контрола“ и дека Бенедикт е под постојан медицински надзор.
Според досегашните извештаи, тој не сака да биде хоспитализиран, а во неговата резиденција, во мал манастир во Ватикан, ја има целата потребна медицинска опрема.