Белгиските политички партии денеска постигнаа договор за влада на широка коалиција, по речиси осум месеци преговори по изборната победа на фламанската националистичка партија Нова фламанска алијанса (Н-ВА), објави локалниот медиум ВРТ њуз, пренесува Ројтерс.
Новиот лидер на фламанската алијанса Барт Де Вевер (54) се очекува да стане премиер и да ја предводи петпартиската коалиција во која ќе членуваат демохристијаните и социјалистите од Фландрија и либералите и центристите од Валонија од француско говорно подрачје.
Екстремно десничарската партија Влаамс Беланг (фламански интерес) е исклучена од преговорите за формирање влада, и покрај фактот што постигна најголемо зголемување на поддршката на изборите во јуни 2024 година и стана втора по големина политичка партија во Белгија.
Во земја каде што федералните влади се традиционално коалициски влади, политичките партии постојано одбиваат да соработуваат со партијата Фламански интерес поради нејзините напори да воспостави независна Фландрија, антиимигрантските ставови и критиките кон Европската унија.
Коалициските преговори траеја со месеци бидејќи немаше договор за намалување на буџетските расходи, даночна реформа и реформа на пензискиот систем, на што инсистираше Де Вевер со цел да се подобри финансиската состојба во шестата по големина економија во еврозоната.