Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки изјави дека не смета дека е можно да се отстрани Русија од Советот за безбедност на Обединетите нации (СБНС) поради нападот врз Украина, јавува Анадолија.
Псаки одржа прес-конференција во Белата куќа каде зборуваше за рускиот напад врз Украина.
Одговарајќи на апелот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за воспоставување зона на забранети летови над Украина, Псаки рече дека формирањето на таква зона може да доведе до директна војна со Русија, додавајќи дека тие не планираат да го сторат тоа.
„Воспоставувањето зона на забранети летови над Украина бара нејзино спроведување. Во основа, американските војници во тој случај би морале да соборат руски авиони, што може да доведе до директна војна меѓу САД и Русија. Сакаме да го избегнеме тоа“, објасни Псаки.
Русија е една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН
Коментирајќи го апелот Русија да биде отстранета од Советот за безбедност на Обединетите нации (СББ) поради војната во Украина, Псаки рече дека тие не го сметаат тоа можно.
„Во моментов не го гледаме ова како можно“, рече таа.
Таа потсети дека Русија е една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН.
„Русија не ги исполнува обврските од Конвенцијата на ОН и ја злоупотребува својата позиција. Се обидуваме да ја изолираме Русија и да ја сметаме за одговорна за нејзините постапки“, рече Псаки.
Таа ги коментираше и апелите во САД да се воведе забрана за увоз на руска нафта како дел од економските санкции против Русија и посочи дека тоа ќе ги зголеми цените на горивата во САД.
САД споделуваат разузнавачки информации со Украина
„Не сакаме цените на горивата да растат додека вршиме економски притисок врз Русија“, рече Псаки.
Псаки додаде дека САД постојано споделуваат разузнавачки информации со Украина.
Нападот на Русија врз Украина, кој започна на 24 февруари, го предизвика гневот на меѓународната заедница, а Европската унија, Велика Британија, Канада, Јапонија и Соединетите Американски Држави (САД) воведоа економски санкции кон Москва.
Според ОН, од почетокот на војната во Украина се убиени 227 цивили, а 525 се ранети. Украинските власти проценуваат дека бројот на загинати е повеќе од 2.000. Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) проценува дека повеќе од еден милион луѓе избегале во соседните земји.