Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли тврдењата дека Иран преместил високо збогатен ураниум пред американските воздушни напади.
Трамп остро гo критикуваше американските медиуми по објавувањето на доверлив документ од американската разузнавачка служба, во кој се доведува во прашање ефикасноста на бомбардирањата извршени во неделата во поддршка на Израел, насочени кон иранските нуклеарни објекти во Фордоу, Натанц и Исфахан.
Според него, тие напади довеле до целосно уништување на целните нуклеарни објекти.
Директорот на ЦИА, Џон Ратклиф, исто така изјави дека, врз основа на „веродостојни информации“, нуклеарната програма на Иран е сериозно оштетена од последните целни напади.
Сега се огласи портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит.
„Можам да ви кажам дека САД немаат индикации дека високо збогатен ураниум е преместен пред нападот“.
Во меѓувреме, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), со која Иран планира да ја прекине соработката, ја изгуби контролата врз материјалот од почетокот на непријателствата, изјави генералниот директор на агенцијата, Рафаел Гроси, за француската телевизија.