Американскиот претседател Доналд Трамп ја бранеше Русија во врска со тврдењата за нејзиното мешање во американските претседателски избори во 2016. година на прес конференцијата по состанокот со рускиот претседател Владимир Путин во Хелсинки, пишува ВВС.
По директните разговори со Путин, Трамп противречеше на заклучоците на американските разузнавачки агенции околу американските избори во 2016. година и рече дека немало причини Русија да се меша во изборите, наведува ВВС.
– Имам голема доверба во моите луѓе од разузнавачките служби, но ќе ви кажам дека претседателот Путин денеска беше многу јасен и моќен во своето демантирање на сето тоа. Не гледам никакви причини зошто Русија би се мешала во изборите во 2016 година, рече Трамп.
Тој на заедничката конференција за новинари со Путин по разговорите запрашан дали повеќе им верува на своите разузнавачки служби или на рускиот претседател кога се работи за наводите за мешањето во изборите, рече дека тој и Путин долго разговарале за наводите за руското мешање и дека Путин бил цврст по тој став.
Путин одвоено повтори дека Русија никогаш не се мешала во американските избори.
– Претседателот Путин вели дека не е Русија. Не гледам причини зошто би била, рекол Трамп.
Трамп и Путин во Хелсинки разговараа првин во четири очи и потоа во проширен состав.
Американските разузнавачки агенции заклучија дека во 2016. година Русија била зад напорите американските избори да бидат против Хилари Клинтон во кампањата со сајбер напад и лажни вести на социјалните мрежи. Пред три дена Американците обвинија 12 руски разузнавачи дека хакирале за време на изборната кампања.
Трамп рече и дека истрагата која се води во САД околу руското мешање е катастрофа за земјата и дека таа е одговорна за влошување на односите помеѓу Русија и САД.