Потегот со кој Израел го олесни пристапот до дел од хуманитарната помош до Газа не е доволен, изјави денес францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
„Апсолутно е недоволно. Потребна е итна и масовна помош“, изјави Баро за француската радио станица РФИ.
Тој нагласи дека Израел не смее да поставува никакви пречки за испорака на таква помош во Газа, пренесува Ројтерс.
Лидерите на Велика Британија, Канада и Франција во понеделник се заканија дека ќе воведат санкции врз Израел доколку не ја запре новата воена офанзива во Газа и не ги укине ограничувањата за помош, со што ќе се изврши дополнителен притисок врз премиерот Бенјамин Нетанјаху, соопшти агенцијата.
Израел вчера објави дека им дозволил на пет камиони на ОН што превезуваат хуманитарна помош, вклучувајќи и храна за бебиња, да влезат во Појасот Газа по 11 недели блокада, јавува Танјуг.