Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека верува оти новиот пакет санкции на ЕУ против Русија на крајот ќе биде усвоен, иако Унгарија објави дека нема да го поддржи на состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел денес.
„Тоа е сигурно, но прашањето е кога ќе биде усвоен. И од таа гледна точка, секој мора да ги исполни своите обврски“, рече Баро, без експлицитно да ја спомене Унгарија, пренесува АП.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави во Брисел дека верува оти ненадејната објава на Унгарија вчера дека нема да го поддржи новиот, 20-ти пакет санкции против Русија е поврзана со борбата на унгарскиот премиер Виктор Орбан да остане на власт на парламентарните избори што ќе се одржат во таа земја во април.
„Очекував многу поголемо чувство на солидарност од Унгарија кон Украина. Владејачката партија успеа да создаде клима на непријателство кон жртвата на агресија. А сега се обидува да го искористи тоа на општите избори. Тоа е доста шокантно“, рече Сикорски, според Танјуг.
Од почетокот на војната во Украина на 24 февруари 2022 година, речиси секоја земја во Европа значително го намали или целосно го суспендираше увозот на руска енергија, но Унгарија и Словачка, членки на ЕУ и НАТО, ги одржаа, па дури и ги зголемија своите залихи на руска нафта и гас, откако добија привремено ослободување од политиката на ЕУ за забрана на увоз на руска нафта.
Покрај тоа што објави дека ќе го блокира воведувањето нови санкции против Русија, бидејќи Украина ја суспендираше испораката на руска нафта преку гасоводот „Дружба“ од крајот на јануари, Унгарија објави дека ќе го блокира и заемот на ЕУ за Украина од 90 милијарди евра, кој е наменет да му помогне на Киев за воени и економски потреби во следните две години, за што Унгарија претходно се согласи во декември минатата година.
Портпаролот на Европската комисија, Балаж Ујвари, изјави дека ЕК очекува „сите земји-членки да го почитуваат тој политички договор со цел конечно усвојување“.
Министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахна, пред состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел изјави дека договорените договори за Украина мора да се почитуваат.
„Мораме да го направиме тоа. Мораме да најдеме договор меѓу земјите-членки бидејќи на Украина очајно ѝ се потребни овие пари“, рече Цахна.
Се очекува состанокот на министрите на ЕУ во Брисел да трае до доцните вечерни часови.

