Втор ден по ред Министерството за внатрешни работи нема издадено ниту една потврда за бегалците што говори за информациите кои беа пуштени во дел од медиумите, дека Балканската бегалска рута е затворена.
Од почетокот на годината вкупно беа издадени 89.623 потврди, меѓу кои најброни беа државјаните на Сирија – 44.734, Авганистан – 26.546 и Ирак – 18.337, а беа поднесени вкупно 29 барања за азил во Македонија, од кои 22 од страна на државјани од Сирија и седум од Авганистан.
Најбројни носители на потврдите оваа година се мажите со вкупно издадени 35.381 потврди, веднаш зад нив 34.399 деца придружувани од родител или старател, како и 226 малолетници самостојни носители на потврдите и 19.617 жени бегалки.
Засега неизвесна останува судбината на околу 1.500 бегалци кои се наоѓаат во Прифатниот центар на Табановце, за кои Србија, Хрватска и останатите земји од рутата ја спуштија рампата.