Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, изјави дека притисокот на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врз Украина да ѝ предаде територија на Русија претставува „модерно смирување на агресорите“.
Во своето прво интервју откако ја напушти Белата куќа, Бајден за Би-Би-Си во Делавер изјави дека рускиот претседател Владимир Путин верува дека Украина е дел од Русија и дека „секој што мисли дека ќе застане“ ако некоја територија биде отстапена како дел од мировниот договор е „едноставно наивен“.
На прашањето дали обезбедил доволна поддршка за Киев за Украина да ја добие војната, наместо само да се спротивставува на руските напади, Бајден рече дека САД ѝ дале на Украина она што ѝ е потребно за да ја зачува својата независност и се подготвени да одговорат, поагресивно, ако Путин повторно тргне во офанзива.
Зборувајќи за изјавите од администрацијата на Трамп дека Украина мора да се откаже од дел од територијата за да се постигне мировен договор што би ги прекинал конфликтите, Бајден рече дека ова е „модерно смирување на агресорите“, алудирајќи на политиката на поранешниот британски премиер Невил Чемберлен, кој кон крајот на 1930-тите се обиде да ги исполни барањата на Адолф Хитлер за избегнување војна, што на крајот се покажа како неуспешно и катастрофално.
Бајден изрази загриженост дека односите меѓу САД и Европа би можеле да се влошат под претседателството на Трамп, што, како што рече, „би можело да ја промени модерната историја на светот“.
Кога беше прашан дали требало порано да се повлече од претседателската трка за да има повеќе време за избор на кандидат, тој рече дека не мисли оти тоа би имало значење.
„Се повлековме во моментот кога имавме добар кандидат. Работите се одвиваа брзо, што го отежнуваше повлекувањето. И тоа беше тешка одлука. Мислам дека беше вистинската одлука“, истакна тој.
Поранешниот американски претседател ги осуди повиците на Трамп САД да го преземат Панамскиот канал, да го купат Гренланд и Канада да стане 51-ва држава.
„Што се случува овде? Кој претседател зборува вака? Не сме ние. Ние сме за слобода, демократија, можности, а не за конфискација“, рече Бајден.
Запрашан да коментира за првите 100 дена на Доналд Трамп на функцијата, кои беа обележани со бран извршни наредби и големи намалувања на големината и трошоците на федералната влада, Бајден го пофали сопствениот мандат и се обиде да направи јасна разлика помеѓу состојбата на земјата кога ја напушти функцијата и сега.
„Нашата економија растеше. Се движевме во насока каде што берзата беше во голем пораст. Бевме во ситуација каде што позитивно го проширувавме нашето влијание во светот, зголемувајќи ја трговијата“, рече Бајден, зборувајќи за состојбата на земјата кога ја напушти Белата куќа во јануари, и додаде дека ќе го остави на историјата да ги оценува резултатите на Трамп.