Американскиот претседател Џозеф Бајден на распоредот за овонеделното патување во Европа ја додаде и посетата на Полска поради итните состаноци со НАТО и европските сојузници, но не планира да ја посети Украина, во време кога продолжува руската операција во оваа земја.
Бајден најпрво ќе отпатува за Брисел, а потоа за Полска, каде ќе се сретне со тамошните лидери, изјави во вчерашното соопштение прес-секретарот Џен Псаки, пренесува АП.
– Американскиот претседател ќе отпатува во Варшава на билатерална средба со полскиот претседател Анджеј Дуда, која е закажана за в сабота. Бајден ќе разговара за тоа како САД, заедно со своите сојузници и партнери, можат да одговорат на хуманитарната криза и кризата со човековите права предизвикани од неоправданата и неиспровоцирана војна на Русија против Украина“, рече Псаки.
Тој денеска ќе разговара за овој конфликт со европските лидери, пред неговото патување, а на консултациите се очекува да учествуваат францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц, италијанскиот премиер Марио Драги и британскиот премиер Борис Џонсон, соопшти Белата куќа во недела.
Претставници на Белата куќа, исто така, изјавија дека американскиот претседател не планира да патува во Украина, пренесе АП.