Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека американската војска ќе го собори секој иден летечки објект што ја загрозува безбедноста на САД и додаде дека нема да се извини никому за тоа.
Во своето прво обраќање за наводниот кинески шпионски балон и неидентификувани објекти соборени над Северна Америка, Бајден рече дека сè уште не е позната точната цел на балоните, но дека „во моментов нема индикации дека тие се дел од кинеската шпионска програма за балони, ниту дека се извиднички објекти од која било друга земја.
„Немојте да се сомневате, ако некој објект претставува закана за безбедноста на американскиот народ, јас ќе го соборам“, рече Бајден.
Американскиот претседател рече дека очекува да разговара со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Дипломатските односи меѓу двете земји беа на „тенок мраз“ откако беше соборен балон над САД, за кој Кинезите рекоа дека не бил шпионски, туку метеоролошки.
„Не започнуваме нова студена војна, но нема да се извинувам. Ќе продолжиме да се натпреваруваме (со Кина) и ќе бидеме одговорни за конкуренцијата да не се претвори во конфликт“, објасни Бајден.