Бајден најави последици за Саудиска Арабија поради нафтата

Сподели со своите пријатели

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека „ќе има последици“ за Саудиска Арабија по минатонеделната одлука на ОПЕК Плус, земјите производители на нафта, да ги намалат производните квоти.

Loading...

Бајден ова го изјави синоќа во интервју за Си-Ен-Ен, но не прецизираше какви одлуки може да се донесат.

„Ќе има последици за она што го направија со Русија“, изјави Бајден за Си-Ен-Ен.

Неодамнешната одлука на ОПЕК Плус, организација на производители на нафта и земји партнери во која е вклучена Русија, да го намали производството на нафта за два милиони барели дневно, го налути Западот, каде што многумина го видоа тоа како потег да му помогнат на Путин да ја финансира руската војна во Украина.

Намалувањето на производството, исто така, се заканува да ја усложни ситуацијата за американскиот претседател Бајден и неговата Демократска партија пред конгресните избори во ноември со очекуваното зголемување на цената на бензинот.

Претходно вчера, портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, изјави дека претседателот Бајден сака да ги „преиспита“ односите меѓу САД и Саудиска Арабија по одлуката за намалување на квотата за производство на нафта, што може да доведе до скок на цената на таа енергија.

Кирби додаде дека Бајден е подготвен да работи со американскиот Конгрес за да размисли какви треба да бидат односите со Саудиска Арабија.

ОПЕК плус обединува 13 земји-членки на ОПЕК предводени од Саудиска Арабија и нивните десет партнери предводени од Русија.

Loading...