Американските граѓани не треба да се плашат од нуклеарна војна, изјави претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди руските сили за одвраќање, вклучувајќи го и нуклеарното оружје, да бидат ставени во состојба на висока готовност.
Додека Бајден вчера го напушташе настанот во Белата куќа, еден од американските новинари го праша дали Американците треба да бидат загрижени за можноста за нуклеарна војна, на што американскиот претседател одговори со „не“, пренесува „Индепендент“.
Претходно портпаролката на Белата куќа Џен Псаки изјави дека САД веруваат дека во овој момент нема причина да се промени нивото на нуклеарна подготвеност.
„Не го сменивме нашиот статус и оценка во тој поглед, но мораме да бидеме и внимателни поради заканите на Путин“, изјави Псаки за кабелската мрежа MSNBC.
Руското Министерство за одбрана во понеделникот објави дека, во согласност со наредбата на Путин, нуклеарните сили и северната и пацифичката флота се во состојба на зголемена борбена готовност.
Бајден разговараше со американските сојузници и партнери во текот на денот, додека неименуван претставник на Белата куќа изјави за Ројтерс дека нуклеарната војна никогаш не треба да се води, дека во неа нема победник и дека Путин ја ескалира ситуацијата со „опасна реторика“.