Американскиот претседател Џозеф Бајден се подготвува да потпише извршна наредба со која ќе го суспендира прифаќањето на барањата за азил на американско-мексиканската граница кога бројот на премини ќе достигне 2.500 дневно на граничните премини, а границата повторно ќе се отвори кога тој број ќе падне на 1.500. пренесува АП повикувајќи се на информации од информирани извори.
Бројката од 2.500 значи дека границата може веднаш да биде затворена за мигрантите кои бараат азил, бидејќи дневните бројки веќе се надминати.
Се очекува Бајден да ја открие својата намера – што би бил неговиот најагресивен унилатерален потег досега во обидот да го контролира бројот на луѓе на границата – денес во Белата куќа на настан на кој се поканети градоначалниците на пограничните градови.
Пет лица информирани за разговорите во понеделникот ја потврдија бројката од 2.500, додека две лица ја потврдија бројката од 1.500. Бројките се дневни просеци за една недела.
Сите инсистираа на анонимност бидејќи извршната наредба сè уште не е јавна.
Останатите гранични активности, како што е трговијата, се очекува да продолжат, јави Гласот на Америка.
Високи претставници на Белата куќа ги информираа пратениците на Капитол Хил за деталите од планираната наредба пред денешното официјално потпишување.