Багдад: Демонстранти упаднаа во шведската амбасада поради најавеното палење на Куранот

Сподели со своите пријатели

Стотици демонстранти утрово упаднаа во шведската амбасада во центарот на Багдад, главниот град на Ирак, прескокнувајќи ги ѕидовите и палејќи оган во знак на протест против најавеното палење на Куранот во Шведска.

Loading...

Според очевидци на Ројтерс, ирачките безбедносни сили се распоредени во внатрешноста на амбасадата, а од зградата извира чад додека пожарникарите го гаснеа пожарот.

Повеќето од демонстрантите се повлекоа, а претходно фрлаа камења врз припадниците на безбедносните сили.

Персоналот на шведската амбасада во Багдад е безбеден, соопшти прес-службата на шведското Министерство за надворешни работи, наведувајќи дека го осудува нападот и дека ирачките власти имаат должност да ги заштитат дипломатските претставништва.

Поддржувачите на шиитскиот свештеник Муктада ал-Садр за денеска повикаа на демонстрации против второто најавено палење на Куранот во Шведска за неколку недели, според објавите на Телеграм.

Ал Садр, една од најмоќните фигури во Ирак, командува со стотици илјади следбеници, кои повремено ги повикува на протести.

Ирачкото Министерство за надворешни работи го осуди инцидентот и објави дека ирачката влада им наложила на безбедносните сили да спроведат итна истрага, да ги идентификуваат сторителите и да ги повикаат на одговорност.

Шведската полиција во средата го одобри барањето две лица да го запалат Куранот и ирачкото знаме на денешната јавна средба пред ирачката амбасада во Стокхолм, а ќе учествува и човекот кој во јуни го запали Куранот пред Стокхолмската џамија, објави шведската новинска агенција ТТ.

Loading...

Шведската полиција отфрли неколку извештаи претходно оваа година за протести кои требаше да вклучуваат палење на Куранот, наведувајќи загриженост за безбедноста.

Судовите оттогаш ги поништија полициските одлуки, велејќи дека таквите дела се дозволени според законите за слобода на говорот.

Ал Садр кон крајот на минатиот месец повика на протести против Шведска и протерување на шведскиот амбасадор откако Ирачанец запали Куран во Стокхолм.

Пред шведската амбасада во Багдад по палењето на Куранот се одржаа два големи протести, а во еден момент демонстрантите влегоа на територијата на амбасадата.