На азиските берзи во средата цените на акциите пораснаа, но тргувањето е претпазливо пред објавувањето на извештајот за инфлацијата во САД, што може значително да влијае на монетарната политика на американската централна банка.
Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион, со исклучок на Јапонија, беше околу 06:45 часот, со пораст од 0,2 отсто.
Истовремено, јапонскиот индекс Никеи зајакна за 0,6 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија и Шангај пораснаа меѓу 0,3 и 0,5 отсто. Во Хонг Конг, пак, тие паднаа за 0,6 отсто.
На азиските берзи се тргува внимателно, како и вчера на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,3 отсто, додека S&P 500 остана речиси непроменет. Индексот Nasdaq ослабе, пак, за 0,4 отсто.
Имено, инвеститорите не сакаат да ризикуваат пред извештајот за инфлацијата во САД, кој ќе биде објавен во четврток и кој би можел значително да влијае на насоката на пазарот.
Во анкетата на Ројтерс, аналитичарите проценуваат дека во март потрошувачките цени пораснале за 0,2 отсто на месечно ниво и за 5,2 отсто на годишно ниво, што би било значително забавување во споредба со 6 отсто во претходниот месец.
Инвеститорите веруваат дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки
Базичната стапка на инфлација, која ги исклучува цените на енергијата и храната, според проценките би можела да се зголеми за 0,4 отсто на месечно ниво, а за 5,6 отсто на годишна основа, што би било мало забрзување во однос на 5,5 отсто еден месец претходно.
Тој извештај ќе влијае на очекувањата на инвеститорите за каматните стапки на американската централна банка.
Сега на пазарот на пари се проценува дека има 67 отсто шанси ФЕД да ги зголеми клучните каматни стапки за дополнителни 0,25 процентни поени на сесијата во мај, додека минатата недела тие шанси беа помали од 50 отсто.
„Ова е мирот пред бурата. Податоците за инфлацијата ќе бидат објавени утре, записниците од последниот состанок на ФЕД наскоро, а потоа ќе следат квартални деловни извештаи од компаниите. Затоа, не е изненадувачки што инвеститорите се претпазливи“, вели Рајан Детрик. стратег во групацијата Карсон.
Започнува објавувањето на кварталните деловни резултати
Сезоната за објавување на кварталните деловни резултати на компаниите започнува на крајот на неделата, а во петок извештаите ќе ги објават три големи банки – Ситигруп, ЈПМорган Чејс и ВелсФарго, кои би можеле да дадат појасна слика за состојбата во сектор, по колапсот на неколку регионални банки во март.
Според најновите проценки на аналитичарите во истражувањето на Ројтерс, заработката на компаниите од индексот S&P 500 ќе биде за 5,2 отсто помала во првиот квартал отколку во истиот квартал минатата година, додека на почетокот на кварталот аналитичарите очекуваа заработката да порасне за 1,4 отсто.