Австриските власти денеска соопштија дека го прекинуваат финансирањето на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), по обвинението на Израел дека некои нејзини вработени биле вмешани во нападот на израелска територија од страна на палестинското движење Хамас на 7 октомври минатата година.
Неколку земји донатори, вклучувајќи ги САД, Германија и Јапонија, најавија слични мерки во последните денови.
„Наводите во кои се споменува наводната вмешаност на соработници на УНРВА се длабоко шокантни и крајно загрижувачки“, соопшти австриското Министерство за надворешни работи, кое повика на „целосна, брза и темелна истрага за наводите“.
Министерството изјави дека е во прашање кредибилитетот на ОН, што не треба да се доведува во прашање.
Во очекување на „појаснување“, Австрија „во договор со своите меѓународни партнери“ одлучи „привремено да ги суспендира сите нови плаќања за агенцијата на ОН, но ќе продолжи со хуманитарната помош за цивилното население во Газа и регионот“.
Во петокот Израел обвини неколку вработени во УНРВА за учество во напад на Хамас на израелска територија.
УНРВА отпушти неколку од своите вработени и вети темелна истрага, но Израел сепак одлучи да и забрани да продолжи да работи во Газа.