Австралиски тинејџер е обвинет за поседување и производство на оружје, откако полицијата пронашла целосно функционално огнено оружје што тој наводно го направил дома со 3Д печатач.
Полицијата во Западна Австралија пронашла 18-годишен маж дома при претрес на почетокот на јуни.
Ова огнено оружје, иако потсетува на играчка, може да предизвика сериозна штета
„Ова огнено оружје, иако потсетува на играчка, може да предизвика сериозна штета. Навистина е загрижувачки што овој човек успеал да произведе такво оружје дома со 3Д печатач и лесно достапни материјали”, изјави наредникот Блер Смит на новинарите.
Пластичното оружје направено од 18-годишникот може да испука 15 куршуми со едно повлекување на чкрапалото.
Полицијата вели дека биле потребни два дена за да се направи, а материјалот чинел помалку од 28 долари, пренесува CNN.
Минатата година, владата на Западна Австралија предложи промена на законот за оружје за да се направи нелегално производството на пластично 3D огнено оружје.
Според предлогот, секој што ќе биде фатен со план за негово производство или со упатства за производство може да добие максимална казна од 10 години затвор.
Строги закони за поседување оружје во Австралија
Во Австралија на цивилите им е забрането да поседуваат автоматско оружје, а секое друго оружје е дозволено само за граѓани постари од 18 години и со потреба од дозвола и строги проверки.
Законот беше воведен во 1996 година, откако вооружен напаѓач пукал во туристи во Порт Артур, поранешен колонијален затвор во Тасманија, убивајќи 35 луѓе.
Австралија често се смета за пример за строга контрола на оружјето.
Последното масовно пукање во Австралија се случи во 2018 година, кога беа убиени седум лица.
Тоа беше најлошото масовно убиство во земјата во последните 22 години.
Австралискиот тинејџер кој испечатил пиштол треба да се појави на суд следната недела.