Националната галерија на Австралија (НГА) ќе врати три бронзени скулптури од 9 и 10 век во Камбоџа, откако беше откриено дека се украдени.
Потеклото на скулптурите е утврдено по 10-годишна истрага што ја спровеле заеднички двете земји.
Камбоџанската влада го поздрави овој историски потег како „важен чекор кон исправање на грешките од минатото“, пренесува Би-Би-Си.
Скулптурите ќе останат во Канбера во следните три години, каде ќе бидат изложени во НГА, додека властите во Камбоџа им подготвуваат нов дом во Пном Пен, пренесува Танјуг.
Трите уметнички дела потекнуваат од времето на кралството Шампа, кое се простирало на територијата на денешен Виетнам и Камбоџа.
Австралиската галерија соопшти дека ги купиле скулптурите во 2011 година за 1,5 милиони долари од Британецот Даглас Лачфорд, кој почина во 2020 година.
Лачфард бил вклучен во нелегална трговија со антиквитети од 2016 година, а три години подоцна бил обвинет за шверц на украдени артефакти од Камбоџа.