Австралија ќе им се придружи на САД во дипломатскиот бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг.
Оваа информација ја соопшти австралискиот премиер Скот Морисон.
Тој рече дека кинеската влада сè уште не направила обид да одговори на неколку прашања покренати од Австралија, вклучително и наводни прекршувања на човековите права, пренесува Ројтерс.
„Значи, не е изненадувачки што претставниците на австралиската влада нема да одат во Кина на тие натпревари. Но, австралиските спортисти ќе одат“, изјави Морисон на новинарите во Сиднеј.
Кинеската амбасада во Австралија денеска ја повика официјална Канбера да преземе конкретни мерки за создавање поволни услови за подобрување на односите, откако Австралија им се приклучи на САД во дипломатскиот бојкот на Зимските игри во Пекинг.
„Како што сите знаат, Австралија е единствено одговорна за моменталната состојба на кинеско-австралиските односи“, се вели во соопштението на кинеската амбасада.
Австралискиот олимписки комитет (АОК) рече дека одлуката на владата нема да влијае на нивните подготовки за Зимските игри, додавајќи дека „дипломатските опции“ се работа на владата и дека политиката и спортот треба да бидат одвоени.