Австралија денеска потврди дека двајца нејзини државјани биле убиени во израелски воздушен напад во јужен Либан и рече дека ги разгледува тврдењата на Хезболах дека еден од убиените бил поврзан со либанската милитантна група.
„Ќе продолжиме да се распрашуваме за оваа личност, со која Хезболах тврди дека е поврзан“, изјави за новинарите вршителот на должноста министер за надворешни работи Марк Драјфус, пренесе Ројтерс.
Тој додаде дека Хезболах го прогласил овој Австралиец за еден од своите борци и дека истрагата за овие наводи продолжува.
„Хезболах, либанската милитантна група поддржана од Иран, е терористичка организација во Австралија и е навреда за секој Австралиец да финансира, поддржува или да се бори во нејзините редови“, рече Драјфус.
Во израелски напад во вторникот загинаа Либанец, неговата сопруга и неговиот брат, кој е член на Хезболах, изјавија во средата за Ројтерс либански безбедносни и локални извори.
Хезболах, сојузник на палестинската милитантна организација Хамас, речиси секојдневно разменува оган со Израел преку јужната граница на Либан од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа на почетокот на октомври, пренесува Танјуг.