Австралија ќе го укине задолжителниот петдневен карантин за лицата заразени со корона вирусот на 14 октомври, изјави денеска премиерот Ентони Албанес.
„Сакаме политика која промовира издржливост и ја намалува зависноста од владината интервенција“, им рече Албанес на новинарите по состанокот на националниот кабинет.
Како што рече, кога ќе завршат правилата за изолација ќе престане и финансискиот надоместок за отсуство од работа поради пандемијата за повремени работници.
„Клучната работа е што фазата на одговор при итни случаи веројатно е завршена во овој момент од пандемијата“, рече лекарот Пол Кели, додавајќи дека овој вирус ќе постои многу години, но дека е време да се разгледаат различни начини за справување со него. .
Австралија е една од земјите со највисока стапка на вакцинација против корона вирусот, 96,5 отсто од населението на возраст над 16 години примиле две дози од вакцината, а нешто помалку од 72 отсто добиле дополнителна доза од вакцината.