Австралија денес објави натамошно драстично намалување на бројот на патници дозволени да влезат во земјата, додека властите се обидуваат да ја потиснат епидемијата на коронавирус заклучувајќи некои поголеми градови.
Австралискиот премиер Скот Морисон објави дека бројот на патници кои можат да влезат во Австралија ќе биде преполовен.
Бидејќи земјата постави цел да нема случаи на ковид-19 на нејзино тло, само 6.000 патници неделно може да доаѓаат на комерцијални летови кон Австралија, по што е задолжителен двонеделен карантин во хотел.
Морисон денес изјави дека дозволениот број патници ќе се намали на 3.000 до средината на јули, додека се повеќе жители не го кријат своето негодување поради ограничувачките мерки, недостатоците во карантинските системи и бавноста на кампањата за вакцинација.
Повеќе од 18 месеци по почетокот на пандемијата „ковид-19“, помалку од осум проценти од возрасните примиле две дози на вакцина.
„Ова е тежок период за оние кои се соочуваат со ограничувања“, рече премиерот Морисон.
Од денес, околу 10 милиони жители на Сиднеј, Бризбејн и Перт се заклучени поради повторно појавување на инфекцијата, додека вчера беа регистрирани 27 новоинфицирани со коронавирус.
Пред избувнувањето на пандемијата, околу 260.000 патници доаѓаа во Австралија секоја недела.

