Австралија денес остро го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, откако тој рече дека неговиот австралиски колега Ентони Албанезе е „слаб“ и дека „го предал Израел“.
Австралискиот министер за внатрешни работи Тони Бурк одговори по јавниот напад на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху врз Албанезе и рече дека „Силата не се мери со тоа колку луѓе можете да разнесете или колку деца можете да изгладнете“, објавува ABC Australia.
Односите меѓу Австралија и Израел се влошија во текот на изминатата година, достигнувајќи врв претходно овој месец кога Албанезе објави дека ќе ја признае Палестина во септември на Генералното собрание на Обединетите нации, според австралиската телевизија.
Тензиите дополнително се разгореа оваа недела кога австралиската влада објави дека ја откажува визата на десничарскиот израелски политичар Симха Ротман, член на владејачката коалиција на Нетанјаху, неколку дена пред тој да ги посети Сиднеј и Мелбурн на покана на локална конзервативна еврејска организација, објавува Танјуг.
Нетанјаху вчера го обвини Албанезе дека го предал Израел и ја напуштил еврејската заедница во неговата земја.
„Историјата ќе го памети Албанезе за тоа што е – слаб политичар кој го предаде Израел и ги напушти австралиските Евреи“, рече Нетанјаху во објава на социјалната мрежа X.