Шест лица загинаа откако авион на Рио Тинто се урна на пат кон рудник за дијаманти лоциран во северозападниот дел на Канада, јавува Би-би-си.
Малиот авион бил на пат кон рудникот Диавик во сопственост на австралиска компанија, а набргу по полетувањето, авионот се урнал, се наведува во извештајот на британскиот јавен сервис.
Еден од патниците преживеал, по што бил префрлен на лекување во болница.
Компанијата Рио Тинто соопшти дека работи на истрагата за оваа несреќа во соработка со канадските власти.
„Длабоко сме потресени од оваа вест“, изјави извршниот директор на Рио Тинто, Јакоб Стаушолм, пренесува Би-Би-Си.
Четворица од загинатите се патници, а двајца членови на екипажот на Нортвестерн Ер, соопштија властите.
Авионот се урнал во близина на Форт Смит, мало гратче на околу 740 километри јужно од канадскиот град Јелоунајф.
Канадскиот CBC објави дека авионот се урнал на околу 500 метри од пистата на регионалниот аеродром Форт Смит, а координативниот центар за спасување соопшти дека изгубиле контакт со авионот веднаш по полетувањето.
Рудникот за дијаманти Диавик во Рио Тинто се наоѓа на околу 300 километри североисточно од местото каде што се случи несреќата.
На веб-страницата на компанијата пишува дека рудникот е отворен во 2003 година.