Традиционалниот атлетски митинг „11 Октомври“ и годинава ќе се одржи на Атлетската патека во Куманово, со почеток во 10 часот.
Настанот, кој има за цел да ја промовира физичката активност и спортскиот дух кај најмладите, ќе опфати богата програма со натпревари во повеќе категории.
Во детските училишни трки ќе се натпреваруваат ученици од генерациите 2019 и помлади, па сè до 2010/2011 година. Сите трки се во должина од 60 метри и ќе се одржуваат одделно во машка и женска конкуренција.
Покрај трките, ќе се одржат и натпревари во скок во далечина за генерациите 2010/2011 и 2013/2014, како и главна програма со атлетски дисциплини за повозрасните атлетичари и атлетичарки.
Посебна атракција на митингот ќе биде фамилијарната штафета 3х200 метри, во која можат да учествуваат тимови составени од двајца родители и едно дете, или еден родител и две деца.
Организаторите најавуваат дека за првопласираните тројца учесници во секоја дисциплина ќе бидат доделени медали, дипломи и мали подароци, како мотив и награда за спортскиот дух и учеството.
Никола Ивановски